Соопштенија

ДАЛИ Е ДОЗВОЛЕНО СНИМАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ ЗА ВРЕМЕ НА ВРШЕЊЕ НА СЛУЖБЕНИТЕ ДОЛЖНОСТИ?

Кривичниот законик на РМ во членот 152, став 1 го дефинира неовластеното снимање како кривично дело, при што се определува дека тој што неовластено ќе направи фотографски, филмски или видео снимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност или тој што таквите снимки непосредно ги пренесува на трето лице или му ги покажува или на друг начин му овозможува со нив да се запознае, ќе се казни со парични казна или со затвор од една година.

Во ера на масовна употреба на мобилни телефони кои поседуваат камери со одлична резолуција кои овозможуваат секаков вид на снимање од повеќе часови како и можноста определена снимка или фотографија да се пласира на социјални медиуми, легитимно се поставува прашањето за заштитата на правото на приватноста.

Сепак согласно правната регулатива во РМ, неовластеното снимање претставува кривично дело казниво со закон, па оттука постои и правен механизам за заштита на правото на приватност.

Но интенцијата на законодавецот со востанување на кривичното дело „Неовластено снимање”, била пред сѐ заштита на приватноста како приватен интерес.

Сепак, во контекст на дозволеноста на снимањето на полициски службеници во вршење на службени дејствија, за судските органи клучен елемент претставува балансирањето на јавниот и приватниот интерес.

Во оваа насока од особено значење е Заклучокот на Апелациониот суд Скопје, објавен во Билтен бр. 12, а кој заклучок е донесен од сите четири Апелациони судови во РМ, со кој се носи особено важна одлука во поглед на снимањето на полициските службеници.

Во овој Заклучок се изнесува дека: „Дејствието на видео снимање со мобилен телефон врз полициските службеници кои во тој момент преземаат службени дејствија и објавувањето на направената видео снимка на интернет, не претставува исполнување на битието на кривичното дело Неовластено снимање од член 152 став 1 од КЗ, со оглед да во конкретниот случај преовладува јавниот наспроти приватниот интерес, односно во конкретниот случај не се исполнети обележјата на кривичното дело и тоа-Неовластено снимање од сторителот и –Повреда на приватноста на оштетениот, бидејќи не може да стане збор за повреда на приватноста од причина што се работи за снимање на јавно место, на службени лица со службени ознаки, а особено ако се има предвид дека за посебното обележје од кое зависи постоењето на наведеното кривично дело – Повреда на приватноста, потребно е постоење на директна умисла насочена кон повредата на приватноста”.

Следствено на ова, снимањето на полициските службеници при преземањето на службени дејствија е дозволено. Со ваквиот чекор се зголемува транспарентноста при преземањето на дејствија, со што се гради доверба помеѓу граѓаните и полициските органи, но и се дејствува превентивно, при постоење на состојби каде е можна злоупотреба на службените овластувања.

Сепак, ваквото право не треба да се злоупотребува.

Објавено: 20 апр 2025 18:05