Соопштенија
ВО ПРИМЕНА НОВ ПРАВИЛНИК ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБРАБОТКА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
Започнувајќи од 1 јули 2025 година во примена влегува новиот Правилник за безбедност на обработката на личните податоци (Службен весник на РСМ, бр. 266 од 25.12.2024 година)
Новиот Прaвилник за безбедност на обработката на личните податоци носи суштински промени во системите за заштита на личните податоци воспоставени во компаниите од бизнис секторот, во организациите и кај сите други субјекти кои обработуваат лични податоци. Со новиот Правилник се востановува нов концепт за обезбедување на функционален систем за заштита на личните податоци. Се пропишуваат насоки за активностите кои контролорите треба да ги преземат при планирање, воспоставување, применување, преиспитување и ажурирање на техничките и на организациските мерки за да се обезбеди безбедност на обработката на личните податоци.
Цел на заштита е обезбедување на правно усогласена обработка на личните податоци преку соодветни технички и организациски мерки, со цел да се ублажат ризиците и да се избегнат негативните влијанија врз правата и слободите на физичките лица.
Во согласност со истиот процесот на управување со системот на личните податоци треба да е соодветен на природата, обемот и сложеноста на активностите коишто контролорот ги врши при обработката на личните податоци и ризиците на коишто е изложен системот.
Заштитната цел на минимизирање на личните податоци се однесува на основното барање од Законот за заштита на личните податоци за ограничување на обработката на лични податоци само на тоа што е соодветно, релевантно и неопходно за целите на обработката. Барањето за минимизирање не се применува само на количината на лични податоци што се обработуваат, туку и на опфатот на самата обработка, периодот на чување и достапноста на податоците. Поконкретно, треба да се обезбеди дека личните податоци се чуваат во форма која овозможува само идентификација на субјектите на лични податоци сѐ додека тоа е неопходно за целите на обработката.
Во оваа смисла мерките за гарантирање на целите за заштита на личните податоци, треба да бидат димензионирани за секој правен субјект посебно, поради што е потребно посебна анализа и конретни мерки за заштита кои одговараат на спецификите на правниот субјект. Ова подразбира дека досегашната пракса на преземање/копирање/разменување само на правилници и обрасци се напушта и понатаму нема да биде прифатена.
До денот на примена на новиот Правилник за безбедност на обработката на личните податоци (Службен весник на РСМ, бр. 266 од 25.12.2024 година), потребно е контролорите задолжително да го прилагодат своето работење со одредбите на овој правилник во рамките предвидениот период на преиспитување и ажурирање на техничките и организациските мерки кои се применуваат за обезбедување на обработката на личните податоци.
Заради потребата од дополнително стручно оспособување адвокат м-р Трајче Тошевски заедно со адвокат Маја Гошевска Димитрова земаа учество во советувањето на тема „Нов концепт за обезбедување функционален систем на заштита на личните податоци: Осврт на новиот Правилник за безбедност на обработката на лините податоци (Службен весник на РСМ бр. 266/2024) и насоки за усогласување” кое се одржа на ден 14.03.2025 година во Скопје во организација на АЦТ! ДОО Скопје. По завршувањето на советувањето адвокат м-р Трајче Тошевски и адвокат Маја Гошевска Димитрова се стекнаа со соодветен сертификат.
Во оваа прилика укажуваме дека Адвокатска канцеларија Тошевски може да ги понуди сите услуги во насока на обезбедување на соодветна заштита на личните податоци согласно новиот Правилник во најкус можен рок.
Објавено: 12 апр 2025 22:20